Болниците во јапонскиот град Осака се под голем притисок поради новиот бран на коронавирус и се соочуваат со недостаток на слободни болнички кревети и респиратори.

Исцрпените лекари предупредуваат на „колапс на системот“ и советуваат откажување на Олимписките игри ова лето.

Ваквата состојба на брзо ширење на коронавирусот со која здравствениот систем во Осака се најде во толку тешка ситуација ги покажа сите предизвици за организирање на Олимпијадата за два месеци, а причината дополнително беше и тоа што само околу половина од јапонскиот медицински персонал беше вакциниран.

– Едноставно кажано, ова е колапс на медицинскиот систем – рече директорот на универзитетската болница „Киндаи“ во Осака.

Четвртиот бран на пандемија особено ја погоди префектурата Осака, каде минатата недела до четвртокот беа потврдени 3.849 нови случаи на коронавирус, што е зголемување за повеќе од пет пати во споредба со периодот пред три месеци.

Само 14 проценти од 13.770 пациенти со ковид-19 во префектурата Осака биле хоспитализирани, а повеќето биле оставени сами на себе.

До четвртокот, 96 проценти од болничките кревети наменети за сериозно болни лица беа зафатени, а од почетокот на март 17 лица кои страдаа од ковид-19 починаа надвор од болниците.