Доделувањето на „оскарите“ беше закажано за 28 февруари 2021 година, меѓутоа се чини дека истото ќе биде одложено поради пандемијата на коронавирусот.

Кога во април беа најавени новите привремени промени на правилата за добивање „оскар“ поради епидемијата на коронавирусот, претседателот на Академијата за филмска уметност и наука, Дејвид Рубин, рекол дека прерано е да се знае како би се променил преносот на доделувањето на „оскарите“ во 2021 година поради пандемијата.

– Сè уште не е можно да се знае со сигурност. Знаеме дека сакаме да ги славиме филмските остварувања, но не знаеме во каква форма ќе биде тоа – изјавил Рубин.

Според вообичаените правила – филмот мора да има седумдневна екранизација во кината во Лос Анџелес, со цел да се квалификува за „оскар“. Сепак, за оваа година филмовите кои се дигитално објавени може да се квалификуваат ако студиото првично планирало кино проекција.

– Мислам дека сите сочувствуваат со режисерите и тука сме да ги поддржиме нашите членови и филмската заедница. Има смисла кога навистина не знаеме што ќе се случи во поглед на расположливоста на прикажувањата во кино салите… Мора да направиме исклучоци само за оваа година и за времето кога кината не се отворени, така што големите филмски дела сè уште можат да се видат и прослават – додал директорот.

Новите измени во правилата подразбираат и овозможување екранизациите квалификувани за „оскар“ да се одржуваат во Њујорк, Чикаго, Мајами, Атланта и други градови наместо, како што беше случај досега, само во Лос Анџелес.

Академијата одбила да ги коментира новите наводи и сè уште е нејасно дали одложувањето на „оскарите“ ќе значи и дека Академијата ќе им дозволи на филмовите објавени по крајниот рок да се квалификуваат за „оскарите“ во 2021 година.