Кубанските власти соопштија дека испораката на помош со цел да се спречи ширењето на епидемијата на коронавирус, испратена од Џек Ма, најбогатиот човек во Азија, е блокирана поради ембаргото на САД што постои веќе шест децении.

Кубанскиот амбасадор во Кина, Карлос Переира, на својот блог соопшти дека фондацијата Џек Ма во март се обидела да испрати на Куба 100.000 заштитни маски и тестови за дијагностицирање на ковид-19, како и респиратори и раквици.

Куба е една од 24 земји што доби помош од кинескиот бизнисмен, кој испрати слична поддршка на земји низ целиот свет, вклучително и САД.

Кубанските власти соопштија дека „Авинка ерлајнс“ одбила да ја транспортира помошта во Куба затоа што нејзин најголем акционер е американска фирма која мора да ги почитува трговските санкции на САД против островската земја.

Во Куба, здравствената заштита е бесплатна и има 95.000 медицински работници на популација од 11 милиони луѓе, но болниците немаат многу опрема и тестови какви што се достапни во развиените земји, пренесува агенцијата АП.

Според здравствените податоци, во Куба има 267 лица заразени од коронавирус, од кои шестмина починале, а 13 се опоравиле.