Околу 3.700 луѓе во Шведска добиле неточен резултат дека се позитивни на коронавирусот, поради грешка на опремата за тестирање за Ковид-19, која пристигнала од Кина.

Ова го соопшти денеска Агенцијата за јавно здравје на таа земја.

Според агенцијата, опремата на компанијата „BGI Genomics“ не може да ја забележи разликата помеѓу многу ниско ниво на инфекција со вирусот и негативен резултат, пренесува „Ројтерс“.

– Снабдувачот мора да ги прилагоди перформансите потребни за користење на овој тест – рече Карин Тегмарк Висел, шефица на одделот за микробиологија на Агенцијата.

Таа додаде дека истата опрема за тестирање била извезена и во други земји, но не даде повеќе детали за тоа.

Властите соопштија дека погрешните резултати имаат мал ефект врз статистиката за бројот на заразени со вирусот во земјата.

Агенцијата денес објави дека, од избувнувањето на пандемијата, потврдени се 86.891 случај на коронавирус, додека 5.814 лица починале.