Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, изјави дека САД не се сигурни оти коронавирусот потекнува од лабораторија во кинескиот град Вухан, иако неодамна тврдеше дека има бројни докази за тоа.

Тој во интервју за „Фокс Бизнис“ во средата навечер изнесе нејасни и двосмислени тврдења, пренесе Си-ен-ен.

Најпрво рече дека видел докази дека вирусот веројатно потекнува од Институтот за вирологија во Вухан, а потоа додаде дека би бил среќен да види докази што го негираат тоа.

Тој истакна дека не постои противречност помеѓу неговата позиција и коментарите на некои високи американски официјални претставници кои изразија сомнежи за неговата теорија.

– Не сме сигурни. Но, постојат значајни докази дека вирусот потекнува од лабораторија. И двете тврдења можат да бидат точни и јас ги изнесов и двете. И официјални претставници ги изнесоа. Сè е точно – рече тој.