Од денес до 17 јануари поради пандемијата во Полска е воведен т.н. национален карантин со задолжителни строги санитарни мерки, отворени се само продавници со основни потреби и намирници, додека хотелите се затворени дури и за можни службени патувања.

Од 28 декември до 17 јануари, секој што влегува во Полска со авион, автобус или воз мора да биде во карантин 10 дена.

Деца на возраст под 16 години можат да излегуваат надвор само во придружба на возрасни, а во куќи и станови можат да се соберат најмногу пет лица.

Во декретот за воведување на национален карантин, владата исто така предвиде забрана за дочек на новогодишната ноќ на отворено и воведе полициски час од 19 до 6 часот наутро на 31 јануари, но полскиот правобранител Адам Боднар и правните експерти предупредуваат дека полицискиот час во Полска одреден со декрет не е уставен, а со тоа и незаконски.

Според полскиот устав, поради епидемијата, владата може да утврди колку луѓе можат да соберат или како можат да излезат во јавност, но без вонредна состојба не може да им забрани да ги напуштаат своите домови со декрет, туку само со закон усвоен од парламентот.

Сепак, премиерот апелираше Полјаците да не излегуваат на улиците на новогодишната ноќ и да не пукаат со огномет и петарди, за да може новогодишната ноќ да помине мирно.

Нова достава од 300 000 дози вакцини пристигна во Полска, која вчера започна со вакцинација, а премиерот Моравјецки повторно апелираше Полјаците масовно да се вакцинираат.