Јапонија престана да користи 1,63 милиони дози од вакцината на „Модерна“ против коронавирус. Министерството за здравство на Јапонија објави дека примило извештаи од неколку центри за масовна вакцинација, во кои се наведува дека е откриено дека во одредени неискористени дози на вакцината се пронајдени непознати материи.

Јапонскиот производител на лекови „Такеда фармацевтикалс“, кој е задолжен за дистрибуција и продажба на вакцината на „Модерна“ во таа земја, објави дека како мерка на претпазливост ја суспендира употребата на околу 1,63 милиони дози произведени во иста производствена линија, пишуваат јапонските медиуми.

Министерството за здравство наведува дека допрва треба да ги проучуваат извештаите за можната нарушена безбедност на вакцината. Според министерството, „Модерна“ ветила дека ќе почне истрага.

Извештаите за контаминација стигнаа од осум центри за вакцинација во пет јапонски префектури, а присуството на туѓи материи беше потврдено во 39 ампули, пренесуваат медиумите.