Италијанскиот регион на северот на државата Пиемонт денес објави дека привремено ја прекинува вакцинацијата со вакцината на „Астра зенека“ откако учител од провинцијата Биела починал откако ја примил вакцината во саботата, пренесува „Ројтерс“.

– Одлуката е донесена како мерка на претпазливост, а регионот ги чека резултатите од проверките за да се утврди која група на вакцини е употребена и дали смртта е поврзана со вакцинацијата – соопшти регионалната влада.

Шефот на регионалната здравствена служба, Луѓи Икарди, рече дека тоа е сторено од претпазливост, сè додека не се провери дали постои поврзаност, и дека досега немало никакви проблеми со примената на вакцината на „Астра зенека“.

Италијанската агенција за лекови (АИФА) забрани употреба на една серија вакцини од „Астра зенека“ во четвртокот, потсетува британската агенција, повикувајќи се на тврдења на свои извори дека одлуката следела по смртта на двајца мажи на Сицилија. Агенцијата ја објасни одлуката како мерка на претпазливост, наведувајќи дека врската помеѓу вакцината и несаканите ефекти не е потврдена.

Неколку европски земји, вклучувајќи ги Данска, Норвешка, Исланд и Ирска, престанаа да вакцинираат со вакцината на „Астра зенека“ поради проблеми со коагулацијата на крвта, а Австрија минатата недела престана да користи одредена серија вакцини од истиот производител додека истражуваше смрт предизвикана од згрутчување на крвта.

Холандските здравствени власти објавија дека биле принудени да откажат 43.000 термини за вакцинација поради одлуката на владата да ја прекине вакцинацијата со вакцината на „Астразенека“ најмалку две недели, објави новинската агенција АНП. Суспензијата ќе важи најмалку до 29 март, пренесува „Ројтерс“.

Европската агенција за лекови тврди дека нема индикации за поврзаност на смртните случаи со вакцината, а Светската здравствена организација го повтори ова во петокот.

Во меѓувреме „Астра зенека“ соопшти дека нивната вакцина не предизвикува згрутчување на крвта.