Неколку компании и универзитети веќе покажуваат значителен напредок во трката за изнаоѓање на вакцина против ковид-19. Истражувањата на „Модерна“, „КанСино Биолоџикс“, универзитетот „Оксфорд“, лондонскиот „Империјал колеџ“ и „Иновио“ засега покажуваат ветувачки резултати, пренесува „Гардијан“. 

„Модерна“

Кандидатот за вакцината наречен „мРНА-1273“ на „Модерна“ беше првиот што влезе во клинички испитувања, осум недели откако беше објавена генетската секвенца на ковид-19 во јануари. Американската компанија за биотехника соопшти дека податоците од првата фаза, во која учествувале 45 испитаници, откриле оти се создадени антитела кај сите од нив, дури и кај оние на кои им била дадена мала доза. „Модерна“ вели дека вакцината е безбедна, а исто така обезбедува целосна заштита од вирусната репликација во белите дробови на заразените. 

„КанСино Биолоџикс“

Кинеската компанија „КанСино Биолоџикс“ е прва чиј кандидат наречен „Ад5-нЦoВ“ влезе во втора фаза на клиничко испитување, кое се одржува во Вухан. Сепак, „КанСино“, која работи со гранка на медицинските науки на кинеската армија, не објави детали од првата фаза, туку соопшти дека веднаш преминала на втората фаза врз основа на „првичните податоци за безбедноста“ од првата, во која учествувале околу 500 луѓе.

Универзитетот „Оксфорд“

Вакцината „ЦхАдОх1 нЦоВ-19“ на универзитетот „Оксфорд“ се тестира на повеќе од 1.000 волонтери на возраст меѓу 18 и 55 години во првата фаза, која ја започнаа минатиот месец. Сепак, вакцината ја спречува пневмонијата, но не ја спречува инфекцијата од коронавирусот. Тоа значи дека, ако се реплицира кај луѓето, нема да може да се спречи пренесувањето на други лица. Резултатите од тестовите ќе бидат достапни овој месец. „Астра Зенека“, фармацевтската група со седиште во Кембриџ, се здружи со универзитетот „Оксфорд“ за производство и дистрибуција на вакцината доколку испитувањата покажуваат дека таа е ефикасна.  

„Империјал колеџ“

„Империјал“ развива вакцина во форма што порано не била тестирана кај луѓето, оставајќи ги зад себе некои од други кандидати кои ги прескокнале опитите за животни затоа што нивната технологија претходно била користена врз луѓе. Тимот, предводен од професор Робин Шаток, прави тестови врз животни од февруари, а треба да започне со  човечки испитувања во јуни. Тимот доби 22,5 милиони фунти државно финансирање, со дополнителни 18,5 милиони фунти, со кои се надеваат дека ќе ѝ овозможат да започне со третата фаза клинички испитувања подоцна годинава. Шаток вчера изјави дека шансата за пронаоѓање вакцина против ковид-19 во септември е многу мала. 

„Иновио“

Американската биотехнолошка компанија „Иновио“ постои веќе четири децении без развој на одобрен производ, но нејзината вредност се искачи откако започна со тестирања за вакцина минатиот месец. Тие велат дека нивниот кандидат наречен „ИНО-4800“ резултирал со ветувачки имунолошки реакции кај претклиничките модели. Во првата фаза на тестирања учествувале 40 кандидати, а се надеваат дека ефикасно ќе преминат на втората и на третата фаза налето. Компанијата за развивање на вакцината доби поддршка од 17,2 милиони долари од Коалицијата за епидемиска подготвеност и иновации.