Ненси Пелоси, претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, изрази загриженост за здравјето на претседателот на САД, Доналд Трамп.

Трамп вчера пред новинарите призна дека зема хидроксихлорохин, лек за маларија кон кој прибегнал и покрај предупредувањата за неговата употреба како превентива против инфекција од коронавирус.

Експертите се согласуваат дека земањето на овој лек на сопствена иницијатива е опасно, а сега и Пелоси изрази загриженост во интервју за Си-ен-ен.

– Тој е наш претседател и јас повеќе би сакала да не користи нешто што научниците не го одобриле. Особено кога знаеме колку години има и дека е морбидно дебел – рече Пелоси.

Трамп има 73 години, а последниот лекарски преглед го направи во февруари 2019 година. Тогаш, неговиот индекс на телесна маса беше утврден на 30,4, што го става во групата на дебели луѓе.

Индекс поголем од 40 би значел дека Трамп припаѓа на групата многу дебели или морбидно дебели луѓе, како што некои ги нарекуваат.