Властите во Париз денеска донесоа одлука за задолжително носење заштитни маски на бреговите на реките и каналите, како и на некои прометни улици во градот.

Париз е уште еден во низата француски градови кои воведоа задолжително носење маски во некои области на отворено.

Маските се задолжителни во целата земја во повеќето простории на затворено, достапни за јавноста.

Франција повторно се соочува со зголемување на бројот на заразени. Во петокот вечерта, за 24 часа, беа пријавени 2.228 нови случаи, но бројот на тешко болни лица на интензивна нега остана стабилен на 383.

На врвот на епидемијата на почетокот на април повеќе од 7.000 луѓе беа на интензивна нега.

Во Франција досега од ковид-19 починале 30.324 лица.

Одлуката да се воведе задолжително носење маски на отворено ги подели експертите. Некои велат дека тоа ќе помогне да се спречи повторно разгорување на инфекцијата, а други укажуваат на докази дека повеќето инфекции се случуваат на затворено.