Додека коронавирусот се шири низ светот, тој посилно ги погодува сиромашните отколку добростоечките. Една од последиците ќе биде општествениот немир, дури и револуциите

Најпогрешното клише за коронавирусот е дека сите ги третира исто. Но не е така, ниту медицински, ниту економски, општествено или психолошки. Поточно, ковид-19 ги нагласува веќе постоечките услови на нееднаквост, каде и да стигне. Недолго, ова ќе предизвика општествени превирања, вклучувајќи бунтови и револуции, пишува Андреас Клут, во неговата колумна за Блумберг.

Општествениот немир веќе се зголемуваше низ светот уште пред САРС-ков-2 да го почне своето патешествие. Според одредени податоци, имаше околу 100 антивладини протести уште од 2017 година, од „жолтите елеци“ во богата држава како што е Франција, до демонстрациите против моќниците во сиромашните земји како што се Судан и Боливија. Околу 20 од овие бунтови ги соборија лидерите од власт, додека повеќе од нив беа згаснати со брутална сила, а други останаа да тлеат до следното избивање.

Првичниот ефект од ковид-19 е засилување на сите облици на немир, додека и демократските и автократските влади ги тераат народите во карантин, што ги спречува луѓето да излезат на улиците или да се соберат во групи. Но зад вратите на домовите во карантин, во долгите редици на народните кујни, во затворите и сиромашните квартови и бегалски кампови, секаде каде што луѓето беа гладни, болни или загрижени уште пред избивањето на заразата – трагедијата и болката се зголемуваат. На еден или на друг начин, овој притисок ќе еруптира.

Коронавирусот стави лупа врз нееднаквоста помеѓу државите, но и внатре во нив. Во САД имаше обид од значително богатите да се изолираат на скапите имоти и луксузни јахти. Еден холивудски могул брзо ја избриша од Инстаграм фотографијата од неговата јахта вредна 590 милиони долари, по незадоволството на јавноста. Дури и оние што живеат пристојно можат да се чувствуваат безбедни работејќи од дома.

Но безбројни се примерите на други Американци кои немаат таков избор. Поради недостигот на заштеда и здравствено осигурување, овие луѓе со несигурно работно место треба да продолжат со нивната работа, ако се среќни воопшто да ја имаат, за да врзаат крај со крај. Додека го прават тоа, постои ризик за зараза и пренесување на вирусот дома на нивните семејства. Тие како и сиромашните луѓе насекаде, се под поголем ризик за заболување, а потешко ќе се снајдат низ комплексните лавиринти на здравствениот систем. Затоа коронавирусот се шири најбргу низ сиромашните соседства кои се пренаселени и во кои животот е стресен.

Меѓународната работничка организација предупреди дека коронавирусот ќе згасне 195 милиони работни места низ светот и драстично ќе ги намали приходите на 1,25 милијарди луѓе од кои повеќето веќе се сиромашни. Како што нивното страдање се влошува, така се влошуваат и алкохолизмот, зависноста од дрога, семејното насилство и злоставувањето, оставајќи ги народите трауматизирани, веројантно и трајно.

Во овој контекст, ќе биде наивно да се помисли дека кога вонредната здравствена состојба ќе заврши, државите или светот во целина ќе продолжат да функционираат како досега. Гневот и огорченоста ќе најдат нови издувни вентили.

Овие страсти можат да се претворат во нови популистички или радикални движења, решени да го соборат режимот што го дефинираат како непријателски. Големата пандемија на 2020 година затоа е ултиматом за оние кои го отфрлаат популизмот. Таа бара да размислуваме посилно и похрабро, но сепак прагматично, за проблемите со кои се соочуваме, вклучувајќи ја нееднаквоста. Таа е повик за будење за сите кои се надеваме, не само да го преживееме коронавирусот, туку и светот во кој живееме.