Постојат повеќе сценарија за одвивањето на пандемијата во наредните неколку години и додека секое упатува кон враќање во нормала со најмал број на загубени животи, исто така ги вклучува и ефективните вакцини, пишува „Форин полиси“. Затоа развојот и достапноста на вакцините претставуваат важна цел за владите и меѓународните организации.

Големите кризи можат да бидат прилика за создавање на поефикасни глобални системи, а искуството од брзиот развој на вакцина против коронавирусот би можело да го реформира и поодбри глобалниот систем за создавање и дистрибуција на вакцини за други болести во иднина.

Постојат повеќе вакцини против коронавирусот кои се во фаза на истражување од најавените 145 програми за развој, со што повеќе од 10 кандидати започнаа тестирање врз луѓе. Многумина предвидуваат дека лиценцираната вакцина би можела да биде достапна за 10 до 16 месеци. Но останува значителна неизвесност. А разликата во предвидувањата за времето потребно за создавање на вакцина се должи на процесот на развој. Многу нешта треба да бидат исправни за вакцината да биде достапна навремено.

Развојот на вакцината често почнува со идентификување на дел од патогенот против кој имунолошкиот одговор веројатно би можел да пружи заштита од инфекција. По оваа фаза обично следи тестирањето врз животни за испитување на потенцијалните вакцини. Вакцината-кандидат потоа се развива за тестирање врз луѓе. Тестирањата врз доброволци се поделени во три фази. Првата обично вклучува помала група на луѓе, а главната цел е процена на безбедноста додека се следи имунолошкиот одговор. Втората фаза може да опфати десетици или стотици луѓе и да се фокусира на имуногеноста – дали телото има адекватен имунолошки одговор. Тестирањата во третата фаза вклучуваат илјадници луѓе за да се увиди ефикасноста на вакцината во спречувањето на инфекцијата или болеста. Во втората и во третата фаза вниманително се следи безбедноста на вакцината.

Ако тестирањата поминат како што треба, вакцината-кандидат треба да ги исполни референцијалните точки за успешност и за безбедност од страна на регулаторните тела за да добие лиценца. Потоа следат препораки од Центрите за контрола на болестите. А вакцината потоа се вклучува во програмите за имунизација. Истражувањето не сопира по лиценцирањето. Четвртата фаза ја оценува реалната ефективност на вакцините воведени за популацијата. Тука се проценува и безбедноста при одредени случаи кои се ретки за да бидат идентификувани со претходните истражувања.

Со трката за развој на вакцина против коронавирусот, постојат напори за забрзување на процесот на развој на вакцините. Досегашниот напредок е охрабрувачки. Експедитивноста во процесот за развој на вакцините главно се должи на имплементацијата на повеќе чекори истовремено. Но, зголемувањето на брзината на развојот на вакцините доаѓа преку воведување на ефикасност во процесот, а не преку прескокнување на критичните чекори.

Кога светот ќе добие вакцина против коронавирусот, лекциите од потрагата по вакцината веројатно ќе придонесат за промени во процесите на развој на вакцини и на вакцинација, како и за промена на целиот систем за вакцинација. Промените кои се во тек за справување со пандемијата на ковид-19 би можеле да го модернизираат развојот на вакцините за сите болести, се заклучува во анализата на „Форин полиси“.