Пандемијата предизвикува ноќни кошмари кај луѓето. Ова е заклучокот од финското истражување за квалитетот на спиењето, објавено во списанието „Фронтирс ин сајколоџи“, пренесува финскиот магазин „Форинер“.

Истражувањето на финските научници во кое учествувале 4.000 Финци покажа дека луѓето имаат повеќе кошмари за време на спиењето од вообичаено, поради пандемијата со ковид-19. Тие им ги раскажале своите соништа на научниците од универзитетот во Хелсинки кои ги имале за време на карантинот поради пандемијата на почетокот од годината.

Соништата за изгубени пасоши, затворените граници, многу луѓе во мали простории и за смртта се повторувале меѓу доброволците кои биле дел од истражувањето. Ракувањата и прегратките исто така биле дел од кошмарите. Луѓето кои сонувале за нив, го толкувале како незаконско кршењето на правилата за оддржување на физичко растојание.

– Соништата обично се приватна работа, но кога околината брзо се менува за толку кратко време, се чини дека многумина имаат исти асоцијации – објаснува психологот Ану-Катрина Песонен, главната авторка на студијата.

Нејзиниот тим користел алгоритам за групирање на теми од соништата во категории и открил дека една третина од овие категории се директно поврзани со пандемијата.
Една четвртина од испитаниците пријавиле дека имаат повеќе кошмари отколку пред пандемијата, а една третина дека се буделе почесто ноќе.

Повеќе од половина од учесниците спиеле повеќе од вообичаено како резултат што работеле од дома. Според научниците кои не биле вклучени во студијата финските резултати не треба да се сметаат за валидни насекаде.

Брижит Холсинге, австрискиот психолог и експерт за соништа предупредила дека бројките за кошмарите изгледаат „многу, многу високи“, иако генерално резултатите се во согласност со нејзиното истражување за соништа поврзани со ковид-19, но кои сè уште не се необјавени.