Мафијата обожава кризи. Кризата предизвикана од новиот коронавирус и овозможи на мафијата уште една можност да профитира, во и надвор од Италија. Во нејзината 150-годишна историја на југот на Италија, мафијата профитираше за време на вонредни состојби како што се земјотреси и појавата на колера, финансирајќи бизниси, со трговија на дрога и изнуда, пренесува „Политико“. 

Строгите мерки за движење значително и наштетија на Италија, но и на организираниот криминал – главно на приливите на приход од проституција, трговијата на дрога и изнуда, но мафијата е подготвена да профитира од ситуацијата откако сето ова ќе заврши. 

– Мафијата е како вода, влегува онаму каде што има пукнатини. Тие финансираат бизниси за време на кризи и остваруваат профит – вели Џузепе Говернале, шеф на Италијанската антимафијашка истражна дирекција (ДИА). 

Европската Унија е свесна дека не станува збор само за мафијата во Италија. Руската и албанската мафија исто така претставуваат опасност.

– Ова не е само италијански проблем. Не постои земја од Унијата која е имуна на подземните криминални организации – вели Сабрина Пендиоли, италијанска европратеничка. 

Според експертите, мафијата има метод со кој работи.

– Мафијата нуди заеми на сопственици на бизниси за кои знае дека имаат финансиски потешкотии во кризата. Иако сопствениците знаат со кого си имаат работа, тие прифаќаат, мислејќи дека можат да се справат со ситуацијата. Но, тие грешат – вели Маурицио де Лусија, главен обвинител од Сицилија.

Она што следува е методот на дело. Мафијата бара да се вработи нивен човек во фирмата, а сопственикот тешко може да ги одбие. Потоа, новиот вработен почнува да дава наредби, да врши пренамена на производите, да дава насоки и да бара промени во бизнисот. 

– Сопственикот, нормално, почнува да се буни, инсистирајќи дека компанијата е негова, на што му се возвраќа со зборовите „не е веќе твоја“. Тој е нивниот човек пред банките и законот, и тие управуваат со неговиот профит – вели Де Лусија.

Мафијата овој период ќе се обиде да ги вмеша своите прсти во агрокултурата, туризмот, здравствената инфраструктура, и секако, во рестораните. Трговијата со дрога исто така е адаптирана поради зголеменото присуство на полиција на улиците. Одредени групи ризикуваат и вршат достава на дрога до домовите, додека други се камуфлираат во редиците кои чекаат пред маркетите. 

Мафијата исто така покажува и разбирање за време на кризите. Рекетот е намален, но тоа е само лажна слика. Откако бизнисите по кризата ќе продолжат со функционирање, тие повторно ќе се соочат со удар од оние кои ја контролираат областа. 

Медицинската опрема е уште еден начин на заработка за мафијата. Забележана е трговија на фалсификувани или маски со помал квалитет, како и ракавици и фармацевтски производи. Методот на кражбите исто така се адаптира на тековната состојба. Најчесто сторителите пред кражбите се претставуваат како полициски службеници или медицински лица за време на кризата, а во домот нудат информативен материјал, средства за хигиена или тестови за ковид-19. 

Сиромаштијата предизвикана од пандемијата исто така нуди и плодно тло за регрутирање на нови „капетани“ на мафијата. Затоа, голем број бизниси бараат нивните земји и банки да понудат помош и да покажат флексибилност на оние со финансиски проблеми. 

– Доколку државата не застане на страната на бизнисите и не им помогне, тоа ќе го стори некој друг. Мафијата е моќна кога државата е отсутна – вели Говернале.

Засега, мафијата има една предност, а тоа е отустството на внимание од страна на лидерите на европските држави како резултат на епидемијата на коронавирусот. А исто како и справувањето со вирусот, Европската Унија ќе треба да најде заеднички лек за справувањето и со мафијата.