Илустрација: Интернет

Уривањето на владите, гладта, разурнатите економии и охрабрените екстремисти спаѓаат меѓу најмрачните постпандемиски сценарија, пишува „Блумберг“. А дури и помалку страшните погледи на кризата се со сива нијанса, со распаѓањето на политичките сојузништва и економии, кои веројатно нема да успеат да се подигнат доволно бргу за да ги ублажат последиците од губењето на работните места на стотици милиони луѓе.

Шевовите кои беа распарани пред појавата на коронавирусот, сега се кинат уште побргу. Раправата помеѓу САД и Кина за потеклото на коронавирусот претставува закана за трговскиот договор кој може да му помогне на светот во закрепнувањето од кризата. Борбата околу дистрибуцијата на евентуалната вакцина создава поделба меѓу сојузниците. А Обединетите нации се тргнати настрана, додека автократските влади ги засилија нападите врз граѓанските слободи.

Надежите дека нациите можат привремено да ги стават разликите настрана за да да се борат против коронавирусот, исчезнаа.

– Оваа пандемија е најслична на ударот на астероид на Земјата, во смисол на општата закана. Но, не само што немаше значителна соработка, туку кризата стана уште едно поле за натпреварување – вели Ричард Фонтејн од Центарот за нова американска безбедност во Вашингтон.

Една од првите борби ќе биде за пристапноста до лекот или вакцината против коронавирусот. Други несогласувања исто така излегоа на виделитна. САД го игнорираше виртуелниот состанок на ЕУ чија цел беше собирање на донации за истражувањето за вакцина. А постојаните членки на Советот за безбедност не можат да се договорат за резолуцијата за глобален прекин на огнот, делумно бидејќи САД се противеше на делот од резолуцијата што се однесува на Светската здравствена организација (СЗО).

Уште една од „жртвите“ на коронавирусот ќе преставува довербата во САД под водство на администрацијата на Доналд Трамп, а презирот кон меѓународните институции како ОН, СЗО и Светската трговска организација само се засили за време на пандемијата.

Истовремено барањата на Кина во размената за потребната заштитна опрема, како и континуираното одбивање да овозможи целосна истрага за потеклото на вирусот, прават таа да биде не толку привлечна опција за земјите притиснати помеѓу суперсилите.

– Корозивната штета се протега длабоко. Кризата на пандемиајта е болен забрзувач на бројните трендови на меѓународната сцена – фрагментација меѓу државите, тенденцијата на насоченост кон национализмот и внесувањето нервоза во натпреварувањето меѓу големите сили и во регионалните немири – заклучува Вилијам Барнс, поранешен заменик-државен секретар на САД.