Научниците од Универзитетот „А & М“ во Тексас тврдат дека откриле нов вид на коронавирус, а првото истражување сугерира дека тој е позаразен од претходно познатите видови, што предизвикува потешка клиничка слика и се чини дека е отпорен на антитела. Овој вид е именуван како БВ-1 според местото каде првпат е откриен, а тоа е долината Бразос.

Мутацијата е пронајдена за време на рутински скрининг на коронавирус во Тексас преку примерок од плунка кај еден млад студент кој имал лесни симптоми слични на настинка. Студентот бил позитивен на Ковид-19 на 5 март, и повторно позитивен на 25 март, покажувајќи дека новиот вид може да предизвика подолга инфекција кај помладите луѓе. Симптомите исчезнале до 2 април, а третиот тест на 9 април конечно бил негативен.

– Не знаеме многу за значењето на оваа варијанта во овој момент, но таа има комбинација на мутации слични на другите загрижувачки видови кои се досега пријавени – рече главниот вирусолог од Тексас, Бен Њуман, додавајќи дека варијантата има комбинација на мутации слични на бразилскиот и јужноафриканскиот сој.

Оваа варијанта комбинира генетски маркери одделно поврзани со брзото ширење, посериозна клиничка слика и висока отпорност на неутрализирачки антитела.

Експертите предупредуваат да се држи дистанца, да се носат маски и да се избегнуваат собири. Тие порачуваат дека усогласеноста со мерките и вакцинациите се единствениот начин да се спречи ширењето на епидемијата.