Гувернерот на американската сојузна држава Флорида, Рон Десантис, ги спореди потешкотиите при отворањето на училиштата во новата учебна година за време на пандемијата, со предизвиците со кои се соочувал тимот на морнаричките „фоки“ во акцијата во која беше убиен Осама бин Ладен во 2011 година, пренесува „Вашингтон пост“.

– Како што пречките беа надвиснати „фоките“ кои се обидуваа да го приведат Осама бин Ладен пред правдата, така и школскиот систем на округот Мартин најде начин да им овозможи на родителите разумен избор на одење на училиште или континуирано учење на далечина – кажал Десантис според транскриптот на владина веб-страница.

Водачот на Ал каеда Бин Ладен беше убиен од страна на американските специјални единици „фоки“, во Пакистан во мај 2011 година.

Рон Десантис

Изјавата на Десантис, кој е близок до американскиот претседател Доналд Трамп, доаѓа во период кога повеќето училишта на Флорида го почнаа процесот на повторно отворање. Флорида беше жариште во пандемијата летово, а стапките на зараза остануваат високи во одредени области. Десантис и надележните институции, сепак, се залагаа за отворање на училиштата, заканувајќи се дека ќе го ускратат финансирањето за оние кои планираат да продолжат со учење на далечина.

Околу 10 училишни окрузи на Флорида веќе продолжија со редовната настава, додека десетици треба да се отворат неделава. Во едно основно училиште девет деца отидоа во карантин, откако еден нивни соученик имал симптоми слични на ковид-19.

Околу шест од 67-те окрузи на Флорида планираа да понудат учење на далечина поради високата стапка на зараза. Но администрацијата на Десантис одобри планови за учење на далечина само за неколку окрузи.