Јапонскиот моден дизајнер, Кензо Такада, познат по своите шарени цветни принтови, елементи од џунгла и слободоумна естетика,  почина на 81-годишна возраст, пренесува „Асошијетед прес“. Според соопштението објавено од семејството, Такада починал од компликации на ковид-19.

Такада е првиот јапонски дизајнер кој успеа да се пробие на париската модна сцена. Студирал мода и моден дизајн во Токио, пред да се пресели во Париз каде што отворил бутик во 1970 година.

Такада се повлекол од својата модна куќа во 1999 година, за да продолжи со уметничка кариера, но останал почитуван во круговите на високата париска мода.

Пред неколку дена модниот бренд „Кензо“ ја претстави својата пролетна колекција 2021, инспирирана од македонскиот документарен филм „Медена земја“.