Според новата студија на британскиот Универзитет „Оксфорд“, постојните вакцини штитат од бразилскиот вид коронавирус, а мутацијата што првпат беше откриена во Јужна Африка е моментно најголем проблем за производителите на вакцини, пренесува „Ројтерс“.

Истражувачите користеле примероци на крв од луѓе со антитела генерирани и од инфекција со Ковид-19 и од вакцините на „Оксфорд/Астра зенека“ и „Фајзер/Бионтек“, кои се користат во Британија.

„Ројтерс“ известува дека податоците од студијата покажале речиси тројно намалување на нивото на вирусна неутрализација од страна на антитела генерирани од вакцините за варијантата П.1 Бразил, слично на намалувањето забележано кај видот првпат идентификуван во Кент, Велика Британија.

– Овие податоци сугерираат дека антителата и вакцините што се појавуваат во природата сепак може да ги неутрализираат овие варијанти, но на пониски нивоа. Важно е дека бразилскиот вид може да биде помалку отпорен на овие антитела отколку што првпат се стравуваше – порачуваат од Универзитетот „Оксфорд“.

„Ројтерс“ известува дека мутацијата, која првпат била идентификувана во Јужна Африка, покажува значително поголемо намалување на неутрализацијата на вирусот, што е деветкратно со вакцината на „Оксфорд/Астра зенека“ и 7,6 пати помалку со вакцината на „Фејзер/ Бионтек“.

Британските автори на студијата рекоа дека развојот на вакцини против јужноафриканскиот вид, познат како Б.1.351, треба да биде најголем приоритет за научниците што се занимаваат со развој на вакцини во светот, наведува агенцијата.