Околностите за смртта на научникот Бинг Лиу за кој се сметаше дека е на прагот на важно откритие за коронавирусот поттикнаа бројни теории на заговор на Интернет, пишува „Њузвик“.

Бинг Лиу, 37-годишниот заменик-професор на медицинскиот универзитет во Питсбург бил пронајден мртов во неговиот дом во Рос Тауншип, северно од Питсбург, на 2 мај. Тој имал прострелни рани на главата и на вратот, според изјавите на локалниот патолог што ги пренесе Си-ен-би-си.

Полицијата верува дека Лиу, кој бил пронајден од својата сопруга, бил застрелан информатичарот Хао Гу (46). Полицијата смета дека Гу потоа си го одземал сопствениот живот.

Според тврдењата на полицијата, жртвите се познавале, а убиството и самоубиството се резулат на „долгорочна расправа поврзана со интимен партнер“, и покрај тоа што властите не сакале дополнително да коментираат за природата на врската помеѓу двајцата мажи.

Универзитетот му оддаде почит на Лиу, соопштувајќи дека „тој бил на прагот на важно откритие за разбирање на клеточните механизми кои ја предизвикуваат инфекцијата на вирусот САРС-ЦоВ-2 и клеточната основа на понатамошните компликации“.

– Ние ќе направиме напор за да го завршиме она што тој го почна за да оддадеме почит на неговата научна исклучителност – се вели во соопштението.

Кинеските корени на Лиу и фактот што тој работеше на истражување на коронавирусот, кој потекна од Кина, доведе до бројни шпекулации за неговата смрт, кои се шират на Интернет. Повеќемина корисници објавија сопствени теории на кинеската платформа Веибо, за што извести Би-би-си.

„Ова делува како да доаѓа право од ’Невозможна мисија’. Можеби тој пронајде дека вирусот потекнал од американска лабораторија“, пишува еден од корисниците на Веибо, а друг додава „Многу чуден случај. Веројатно има тајни скриени во темнината“.

– Смртта на Бинг Лиу – компјутерски и системски биолог, каков што сум јас, кој ги проучуваше механизмите на коронавирусот, што и јас го правам – е тажна и несреќна и отвора бројни прашања. Како умре? Дали ова беше порака? Дали треба да ангажирам обезбедување? – напиша на Твитер научникот и изумител Шива Ајадураи, кој има 257 илјади обожаватели на оваа социјална мрежа.

Теориите на заговор околу коронавирусот и неговото потекло продолжуваат да се шират на Интернет, со тврдењата без докази кои ги пропагираат политичарите и медиумите во САД и во Кина. Полицијата што го истражува случајот ги отфрли алузиите дека смртта на Лиу е поврзана со неговата работа.