Јапонската префектура Окинава ја запре употребата на вакцината на „Модерна“, откако беше забележана уште една контаминација, соопшти локалната влада.

– Ја суспендираме употребата на вакцината на „Модерна“ бидејќи во некои од нив се забележани несоодветни супстанции – се вели во соопштението.

Производствените серии во кои е регистрирана контаминација во Окинава се различни од претходните 1,63 милиони дози кои беа суспендирани, според локалните медиуми. Шпанската фармацевтска компанија РОВИ која ги произведува шишињата, соопшти дека ги истражува причините за контаминација на таа серија, која била дистрибуирана само во Јапонија.

Еден ден претходно, јапонското Министерство за здравство објави дека се истражува смртта на двајца мажи на возраст од 38 и 30 години кои ја примиле вакцината на „Модерна“, иако причината за смртта не е позната. Министерството наведе дека ги истражува причините за смртта и дека не е сигурно дали постои причинско-последична врска со вакцината. Префектурата Окинава објави дека програмата за вакцинација е делумно одложена.