Боливиските лекари бараат владата да воведе строго затворање на земјата и се закануваат дека ќе престанат да примаат нови пациенти, бидејќи има нагло зголемување на случаите на ковид-19, при што просечно умира по еден лекар на ден, а здравствениот систем е пред пукање, пренесува „Ројтерс“.

Бројот на нови дневни случаи на коронавирус во Боливија, која вчера ја прими првата серија руски вакцини „спутник V“, достигна рекорд од 2.866 оваа недела, а бројот на смртни случаи поврзани со ковид-19 се искачи на над 10.000.

Агенцијата известува дека во моментов има голема навалица пред и во болниците во боливиските градови, а натписите на вратите и sидовите ги предупредуваат сите дека нема место за нови пациенти.

– Со ваков брз развој на настаните ќе дојде до целосен колапс, ќе имаме пациенти кои умираат на улица, а медицинскиот персонал нема да може да им помогне – изјави Рикардо Ландивар, директор на медицинскиот факултет Ла Паз, наведува агенцијата.

„Ројтерс“ исто така известува дека синдикатите на здравствените работници и лекарите бараат од претседателот Луис Арсе да запре сè додека не помине сегашниот бран на Ковид-19, но владата се двоуми дали да преземе строги мерки за да не дојде до понатамошно нарушување на и онака лошата економска состојба во земјата и се надева дека пристигнувањето на руската вакцина ќе им помогне на Боливијците да дишат полесно.

Сепак, лидерите на медицинските синдикати укажуваат на високата стапка на инфекција и морталитет, потврдено е дека во земја со 11,5 милиони жители досега се разболеле 210.000 лица и велат дека секој ден умира по еден лекар или здравствен работник.

– Лекарите умираат од ден на ден – изјави за агенцијата Патриша Алманза, лекар во болницата „Петролеро“ во Ла Паз.