Од денес во Белгија е на сила второто општо затворање од почетокот на пандемијата на ковид-19.

Во земјата која има над 15 и пол илјади новоинфицирани и 113 мртви на дневна основа, сите неесенцијални продавници се затворени, сите услужни активности за кои е потребен физички контакт се суспендирани, работата на далечина е задолжителна, а есенскиот распуст е продолжен до средината на месецот.

Контактите меѓу граѓаните се ограничени на еден близок контакт надвор од домаќинството и не смее да има собири на отворено на повеќе од 4 лица.

Во целата земја е во сила полициски час, а затворени се сите културни и спортски објекти, како и кафулиња и ресторани.

Иако белгиските власти ги повикаа граѓаните да не патуваат непотребно, аеродромот во Брисел беше преплавен за време на викендот со патници кои се обидоа да излезат од земјата пред општото затворање.

Националниот центар за јавно здравје на Белгија наведува дека над 20.000 новоинфицирани лица биле евидентирани во земјата за еден ден минатата недела и предупредува дека има уште многу да се направи до крајот на пеколниот период.

Во Белгија, од почетокот на пандемијата со коронавирус се заразени над 440 илјади луѓе, а 11.737 починале.