Водечкиот човек на една од најголемите светски компании за производство на вакцини „Серум институтот на Индија“, Адар Пунавала се соочуваше со проблем, бидејќи му беа потребни 850 милиони долари за опрема, за да може да почне со производство на дози на ветувачките вакцини против коронавирусот, наменети за најсиромашните, пишува „Њујорк тајмс“.

Пунавала пресмета дека би можел да ризикува 300 милиони долари од парите на компанијата, но и тогаш би му недостигале повеќе од пола милијарда долари. Па затоа тој се обрати кон Бил Гејтс, милијардерот коосновач на „Микрософт“, со кого се познаваат веќе долго време.

При нивниот разговор летоска, Гејтс дал ветување дека фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“ ќе му овозможи гаранција од 150 милиони долари за индиската фабрика да почне со производството. До септември, фондацијата двојно го зголемила финансирањето.

Тоа е дел од напорот вреден 11 милијарди долари за поставување на основа за изработка на вакцини за повеќе од 150 држави, иако трошоците би можеле да бидат далеку поголеми кога вакцините ќе бидат достапни. Финансирана главно од државни пари, иницијативата е предводена од две светски непрофитни организации, чие основање и финансирање го помогнал Гејтс, заедно со Светската здравствена организација, која се потпира на фондацијата на вториот најбогат човек на светот, како еден од нејзините најголеми донатори.

Бил Гејтс досега потроши милијарди долари за снабдување на земјите во развој со вакцини, соработувајќи заедно со водечките луѓе од фармацијата за промена на пазарот на лекови. На тој начин Гејтс стана најмоќниот, но и најинтригантен приватен играч во глобалното здравство.

Ако иницијативата помогната од богатството и решителноста на Гејтс успее да го заштити најсиромашното население од вирусот кој веќе усмрти над 1,3 милиони луѓе, таа ќе ги потврди стратегиите што тој ги промовираше преку неговата работа, вклучувајќи ги и оние за фармацевтските компании. Ако иницијативата, пак, потфрли, тоа би можело да биде сигнал за порадикален пристап.

Додека се зголемува бројот на случаи на коронавирус на светско ниво, Гејтс порачува дека има едноставен начин за да се оцени глобалната иницијатива за вакцинација.

Кога ја сопревме пандемијата? Тоа е прашањето според кое треба да се оцени сето ова – порачува Гејтс.