На Нов Зеланд во саботата се одржа концерт на отворено кој го посетија околу 20.000 лица кои не мораа да носат заштитни маски, ниту пак да држат социјална дистанца. Концертот беше одржан два месеца откако оваа островска земја нема регистрирано ниеден случај на коронавирусот, пренесува „Њузвик“. 

Концертот беше почеток на летната турнеја на соул-поп бендот „Сикс60“. Пред одржувањето на нивниот концерт, Нов Зеланд одржа неколку новогодишни фестивали кои имаа голема посетеност. 

Ова е втор период без заболени на островската земја, каде што претходно имаше период од три месеци без нови ковид-инфекции од јуни до август 2020 година.

Успехот на Нов Зеланд во справувањето со ковид-пандемијата се содржи во тоа што беше воведен строг карантин со времетраење од шест недели дури и пред да биде регистриран првиот смртен случај предизвикан од вирусот, а околу 80 отсто од петмилионската популација ги поддржа мерките за заштита.

Според интернет-странцијата „Ендкоронавирус“ Нов Зеланд е една од 27-те земји кои во голема мера ја сузбија пандемијата. Според податоците, за рангирањето на една држава, потребно е да нема нови локални преноси на инфекцијата во 14 последователни дена, а исто така земјата да нема копнени граници со друга земја што има висока стапка на инфекција.