Италија, европската земја што прва беше погодена од пандемијата, денес забележа рекорден број новозаразени – 15.199. Претходно, тој рекорд беше 11.705, а беше забележан минатата недела. Денеска, регистрирани се 127 смртни случаи, што е зголемување во однос на 89-те еден ден претходно, но сепак е многу помалку од просекот од 900 починати на ден колку што беше во март и април.

Бројот на заразени во овој бран во Италија е порамномерно распореден по региони, но Ломбардија повторно е најсилно погодена, особено околу најголемиот град Милано. Денеска, Италија има и рекорден број тестирани, дури 177.848.

Франција, пак, денеска шести пат во рок од 12 дена забележа повеќе од 25.000 нови инфекции.

Бројот на хоспитализирани трет ден по ред се зголемува за повеќе од 700, што укажува на тоа дека полицискиот час што неодамна беше воведен сè уште не ги дава очекуваните резултати.

Бројот на хоспитализирани првпат од почетокот на јуни е поголем од 13 илјади. Во Франција денеска се забележани 163 починати од коронавирус, со што вкупниот број достигна 34.048.