Научниците предупредуваат дека почнува да се шири нов вид на ковид-19 со голем број мутации кои би можеле да ја пробијат стекнатата заштита добиена со прележување на болеста или вакцинирање и поради тоа, да предизвикаат нови бранови на пандемијата.

Досега, официјално потврдени се само десет случаи од оваа варијанта во три земји, но некои експерти се загрижени дека нејзините мутации би можеле да му овозможат на вирусот да го избегне стекнатиот имунитет.

Варијантата B.1.1.529 има 32 мутации на шилестиот протеин, делот со кој вирусот ги напаѓа клетките и кој е цел на повеќето вакцини.

Оваа варијанта првпат беше регистрирана во Боцвана, каде што сега се секвенционирани три случаи. Уште шест се потврдени во Јужна Африка и еден во Хонгконг кај патник кој се вратил од Јужна Африка.

Вирологот Том Пикок од Империјал колеџот во Лондон вели дека големиот број на мутации веројатно сугерира оти овој вид може да биде навистина проблематичен.

Пикок на Твитер напиша дека оваа варијанта треба силно и внимателно да се следи, но додаде и дека може да се покаже оти всушност станува збор за „чудна група“ која не е многу пренослива.

– Се надевам дека е така – напиша вирологот.

Првите случаи на оваа варијанта беа забележани во Боцвана на 11 ноември, а во Јужна Африка три дена подоцна. Случајот регистриран во Хонгконг е 36-годишен маж кој имал негативен ПЦР тест пред да полета од Хонгконг за Јужна Африка, каде што престојувал од 22 октомври до 11 ноември. Тој бил негативен на тестот и при неговото враќање во Хонгконг, но бил позитивен на 13 ноември додека престојувал во карантин.

Научниците сега го следат овој нов вид за да видат дали ќе почне брзо да се шири, пренесува „Гардијан“.

Микробиологот Рави Гупта од Универзитетот Кембриџ вели дека студијата во неговата лабораторија покажала дека две мутации на B.1.1.529 ја зголемиле инфективноста и го намалиле препознавањето на антителата.

– Изгледа загрижувачки со оглед на присутните мутации. Сепак, сè уште не знаеме точно колку е заразен овој сој, што е клучна карактеристика што ѝ даде залет на делта варијантата – рече Гупта.