Рускиот претседател Владимир Путин ја смени локацијата од која се бори против коронавирусот. Тој останува изолиран во неговатра канцеларија и е фокусиран главно на економијата на Русија. Покрај строгите мерки за карантин и затворените граници, Путин се обидува да го намали ширењето на вирусот, истовремено справувајќи се со неговите економските последици од внатрешноста на неговата канцеларија, пренесува „Гардијан“ . 

За време на вонредната состојба, Русите се помируваат со оскудните резерви на заштитни медицински маски, зголемувањето на економските проблеми и монотонијата предизвикана од карантинот. Компаниите побараа поголема помош од владата, како и давање помош од државните резерви. 

– Престанете да го чекате појавувањето на некој митски Путин, кој ќе дојде и ќе ве спаси. Самите можете да го сторите тоа – изјави Евгенија Албац, уредничка на независното списание „Њу тајмс“ за време на гостување на радиостаницата „Ехо од Москва“. 

Путин е во изолација од крајот на март, по примерот на други светски лидери, како Емануел Макрон и Ангела Меркел, откако се ракуваше со доктор кој е позитивен на коронавирусот. Кремљ сопшти дека тој не е болен од вирусот и работи од неговата канцеларија. 

Во јавно обраќање на телевизија, Путин побара да бидат дадени бонуси на медицинските лица кои се во првите борбени редови против ковид-19, а рече дека следните две-три недели се клучни во битката на Русија со оваа болест. Тој вирусот го спореди со напади врз Русија од далечното минато.

– Драги пријатели, сѐ поминува, ќе помине и ова. Нашата земја постојано надминувала разни тестови низ вековите, како што беа нападите на Печенезите и Куманите во 10-от и 11-от век. Русија ги победи сите нив. Исто така ќе го победиме вирусот. Заедно ќе надминеме сѐ – изјави Путин. 

Апелот до водечките луѓе на руската власт укажува дека можно е Путин да употреби подиректен пристап во справување со епидемијата. Аналитичарите забележуваат дека пристапот на Путин приликува на лидерите од некои други земји, каде локалните власти спроведуваат строги мерки, а централната власт дава економска поддршка. На овој начин, пристапот ја огранилува изложеноста на Путин на непопуларни одлуки, а истовремено ја задржува локалната поддршка кон него. 

– Путин, едноставно, не смета дека справувањето со вирусот е негова задача. За жал, државната машинерија заборавила да дејствува самостојно – вели Татјана Становаја, руска политичка аналитичарка. 

Според неа, претседателот очекува ефикасност од неговите подредени, а тие, навикнати само на спроведување на одлуките донесени од други лица, досега заборавиле како да носат сопствени одлуки.