На Универзитетот во Питсбург, САД, научниците веруваат дека развиле делотворна вакцина, која настанала од мали делови на протеини на вирусот, за создавање антитела како одговор на вирусот, со надеж дека ќе го спречат неговото влегување во клетките и на тој начин ќе ја спречат заразата. Лекот е тестиран на глувци и кај нив антителата веќе реагирале

Потрагата по вакцина против коронавирусот што го запре светот веќе влегува во многу пооптимистичка фаза. Светската научна фела сѐ почесто излегува со аргументи што влеваат силна надеж дека појавата на вакцината ќе биде многу побрзо од досегашната практика за други болести. Иако има тврдења дека вакцината нема да биде достапна најмалку една година отсега, во моментов во развој се повеќе од 70 вакцини глобално, а Светската здравствена организација има дополнителни 67 претклинички кандидати за вакцина.

Научниците од Питсбург веруваат дека веќе развиле делотворна вакцина
На Универзитетот во Питсбург, САД, научниците веруваат дека развиле делотворна вакцина. Д-р Луис Фалом, кој е лидер на тимот научници, вели дека оваа вакцина настанала од мали делови на протеини на вирусот, за создавање антитела како одговор на вирусот, со надеж дека ќе го спречат влегувањето на вирусот во клетките и на тој начин ќе ја спречат заразата.
– Се применува по пат на платформа, која е новитет, позната уште како микроигла. Тоа е нешто како завој, само што е составено од стотици мали иглички. Тие иглички се широки колку човечко влакно, а долги околу половина милиметар.

Иглите го пробиваат слојот на кожата. Кога ќе ставиме овде некој вид завој на кожата, таа има способност да се растопи брзо и да ослободи антиген. Чувството е како да имате мала лента на прстот. Добрата вест е тоа што нема болка ниту крвавење кога се применува на прстот, затоа што игличките се прекратки за да ги зафатат нервите или крвните садови – појаснува докторот.
Според докторот, вакцината се прави од т.н. клинест протеин на вирусот, кој е клучен за вирусната инфекција.

– Клинестиот протеин ги препознава рецепторите на човечките клетки што му овозможуваат на вирусот да влезе во клетките. Нешто како клуч и брава. На овој начин практично ги менуваме и клучот и бравата на куќата. Добрата страна на оваа вакцина е тоа што со неа даваме мала доза антигени. Генерално, таа е безбедна, но додека не ја тестираме на пациенти, нема да го знаеме тоа со сигурност. Уште еден важен фактор е тоа дека на вакцината не ѝ треба она што ние го нарекуваме ладен синџир. Повеќето вакцини мора да бидат во фрижидер, од производството на вакцината до вакцинирањето на пациентот. Оваа вакцина може да биде и на собна температура, па затоа е лесна за складирање и дистрибуција, за да стигне до сите пациенти во светот – вели д-р Фалом.

Микроиглата е технологија за примена на вакцината
Тимот од научници периодов ги собира сите потребни податоци за да аплицира за тестирање на новиот лек во Aмериканската управа за храна и лекови, по што институцијата треба да им дозволи да почнат со клинички тестирања.
– За оваа вакцина, во однос на примената, имавме идеи уште пред неколку години за вакцината за мали сипаници. Течноста се ставаше на кожата и се внесуваше со мали иглички. Микроиглата е технологија за примена на вакцината за горниот слој на кожата, исто како што беше таа за мали сипаници. МЕРС и САРС се претходници на оваа зараза. Реагенсите се овде, како и системот за примена, така што тој прототип е многу ефикасен. Нѐ охрабри работата на студиите што ги работевме за новиот вирус САРС 2, па затоа мислиме дека ова ќе биде ефективно исто како и претходната верзија на вакцината. Вакцината веќе ја тестиравме на глувци. Видовме дека антителата реагираат, и тоа ни даде надеж дека ќе реагираат и на пациентите – додава докторот.

Прескокнување на фазата на тестирање на животни
Научниците низ светот се обединети во борбата против вирусот. Со огромна брзина се прават истражувања. Првиот тест за вакцина на човекот го најавија научници од лабораторија во американскиот град Сиетл. Тие се одлучиле за необичен чекор со прескокнување какви било истражувања на животни за да се тестира безбедноста или ефикасноста на вакцината.
Од друга страна, австралиски научници почнаа да вшприцуваат две потенцијални вакцини на ласици. Тоа е првиот опсежен претклинички тест што премина во фазата да се примени на животни, а истражувачите се надеваат дека до крајот на овој месец ќе можат да го применат лекот на луѓе.