Уморни од мрачни наслови, застрашувачки статистики и длабока несигурност поради пандемијата на коронавирусот, многу луѓе во светот се обидуваат да го кренат расположението, барајќи само добри вести.

Во последниве денови, страниците што се специјализирани за оптимистички вести бележат големо зголемување на посетите. Пребарувањето на поимот „добри вести“ на Гугл сега е за пет пати почесто отколку на почетокот на годината.

Онлајн-магазинот „Гуд њуз нетворк“, основан кон крајот на минатиот век, во март го дуплирал бројот на посети и сега има 10 милиони посетители, вели неговиот основач и уредник Гери Вајс-Корбли.

– Луѓето ни испраќаат содржини од позитивни, инспиративни работи што се случуваат во нивното соседство, град или држава и затоа има многу добри вести за споделување – вели Вајс-Корбли, кој бил сведок на слично зголемување на интересот и по нападите од 11 септември 2001 година, како и глобалната економска криза пред нешто повеќе од една деценија.

И другите медиуми, како „Гардијан“, Фокс, „ХафПост“ или „Јаху“, имаат страници посветени на оптимистички вести.

Страницата на Си-ен-ен насловена „Гуд стаф“, лансирана минатата година, од минатиот месец има 50 проценти повеќе претплатници, изјави портпаролката на мрежата.

– Нашиот уреднички тим забележа зголемен интерес за приказни кои предизвикуваат насмевка, неверојатни откритија, херои од секојдневието и убави работи што се случуваат низ светот – додаде таа.

Ешли Мудиман, професорка на Универзитетот во Канзас, тврди дека позитивните вести се канал кои им помага на луѓето да се носат со тешките ситуации.

– Луѓето сакаат да видат решенија и тие сакаат да видат други луѓе што се обидуваат да најдат решение, наместо да се расправаат. Ваквите вести им се привлечни – смета Мудиман.