Авторка: Сара Витон

Политико

Никој не знае како ќе заврши оваа криза. Додека карантините во Европа влегуваат во втора, трета, четврта, па и петта недела, политичарите се под притисок да ја известат јавноста кога ќе завршат мерките. Тие не се подготвени да одговорат на ова прашање, затоа што постои мала согласност околу целта на стратегиите за социјална изолација и што ќе се случува потоа.

– Немам план или рецепт за статистика кога ќе биде погодно луѓето да излезат од домовите. Секојдневно ја следиме состојбата – вели Лотар Вилер, претседател на германскиот институт „Роберт Кох“, владиното тело за следење и контрола на болести.

Државните лидери од Европската Унија (ЕУ) ќе разговараат за „излезна стратегија“ на денешната закажана видео-конференција. Во првичниот нацрт-план се „предлагаат неопходни подготовки за враќање кон нормалното функционирање на општествата“, иако домашните експерти предупредуваат дека карантините најверојатно ќе бидат продолжени. Мерките за социјално дистанцирање се смета дека ќе ја забават пандемијата, но речиси е предоцна да се елиминира или спречи коронавирусот. Доказите од Азија, вклучувајќи ја новата студија од Сингапур, покажуваат дека карантинот е ефикасен начин да се намали стапката на инфекции и да не дозволи преоптоварување на болниците и здравствените системи. Ако вирусот не се искорени, кога тогаш политичарите ќе одлучат дека луѓето повторно можат да излезат од домовите?

Нема цврсти докази

Политичарите не носат одлуки базирани на тековните податоци, вели Кристијан Дростен, германски виролог кој го разви тестот за коронавирус и е советник во германската влада за борба против болеста. Воведувањето на карантинот и затворањето на училиштата се инстинктивно донесени одлуки и врз основа на набљудувачки впечатоци. Цврсти докази се очекуваат дури во наредните недели, но епидемиолозите брзаат да ги соберат за да им помогнат на властите да донесат информирана одлука до Велигден.

Првичната процена на британскиот премиер Борис Џонсон беше дека ќе бидат потребни 12 недели за да се промени текот на епидемијата, но откако во понеделникот најави построги мерки, тој порача дека владата повторно ќе ги разгледа и ќе ги „олесни ако доказите упатуваат на тоа“.

Во Франција, новиот извештај на советничката комисија од 11 научници препорача најмалку шест недели социјално дистанцирање. Од комисијата велат дека мерката ќе почне да дава резултати по три недели од воведувањето, а одлуката за повлекување на истите ќе се донесе врз основа на тоа дали болниците ќе можат да се справат со напливот на пациенти, особено оние за кои ќе бидат потребни респираторни машини.

– Мерките за самоизолација ќе престанат кога ќе почне да се менува текот на епидемијата – завчера порача францускиот министер за здравство Оливие Веран и предупреди дека најверојатно карантинот ќе биде продолжен за уште 15 дена.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц е еден од малкуте лидери кои претставија веродостоен критериум, а тоа е дека мерките ќе се укинат ако случаите се удвојуваат само на 14 дена. На завчерашната прес-конференција, тој им порача на властите „да најдат мерки за стагнација на состојбата додека јавниот живот не се врати во нормала“.

Неодговорени прашања

Политичарите и нивните советници сè уште прибираат информации за вирусот. Дали, како грипот, ќе исчезне со порастот на температурите? Како мутира со текот на времето и колку долго луѓето се имуни на него по првичниот контакт? Дали постои лек? Кога ќе се најде вакцина и дали истата ќе биде успешна?

Кинеското искуство од Вухан, епицентарот на заразата, може да даде неколку одговори. По 11 недели откако беше изолиран од светот, карантинот во 11 милионскиот град целосно ќе биде укинат на 8 април, како што соопштија кинеските власти завчера. Потоа светот ќе види дали вирусот ќе продолжи да се шири.

Во еден труд објавен вчера од страна на италијански економисти се предлага постепено враќање на работа на лицата под 40 години за да започне производствениот процес, и со помош на апликации да се следи можното ширење на заразата. Вчера Британија најави масовно тестирање, воедно и набавка на 3,5 милиони комплети за антитела за домашно тестирање и отворање на нова лабораторија за анализа на брисеви надвор од Лондон.

Државите кои ги засноваат своите одлуки на политички и економски фактори, а не на епидемиолошки студии, полесно наоѓаат решенија за излез, иако процесот може да биде проблематичен. Во вторникот, полскиот премиер Матеуш Моравецки изјави дека цели животот да се врати во нормала по велигденските празници. Државата има закажано избори на 10 мај.

Американскиот претседател Доналд Трамп изрази загриженост за економијата и порача дека општественото воскреснување до Велигден „би било убава симболика“. Во Европа, многумина се надеваат дека ќе биде во право, затоа што државните лидери гледаат како се распаѓаат нивните даночни основи, а се зголемува потребата за финансиска помош.

Експертите даваат малку причини за краткотраен оптимизам. Нил Фергусон, експерт за заразни болести од Царскиот колеџ во Лондон, порача вчера дека „долгорочниот излез од оваа криза е само надеж за вакцина“.

Превод: Билјана Здравковска