Ширум Европа луѓето итаат на настани организирани на социјалните мрежи и апликации и покрај ризиците негативно да се одразат

Автори: Алекс Маршал, Томас Роџерс и Констант Меу

Њујорк тајмс

Ноќните клубови во Европа се затворени. Но тоа не значи дека љубителите на забави од континентот седат дома. Со укинувањето на карантините се зголемува популарноста на незаконските луди забави. Настаните на отворено за стотина лица, а во некои случаи и илјадници, организирани преку социјалните медиуми и апликации за комуницирање се во полн ек за викендите, предизвикувајќи главоболки за полицијата и законодавството, додека ја поттикнуваат јавната дебата и создаваат паника во медиумите.

Том Вингфилд, кој е виш предавач на факултетот за тропска медицина во Ливерпул, посочи дека нема медицински студии за коронавирусот на забави на отворено, но дека недоволната физичка дистанца може да биде ризик за пренесување, кој може да се зголеми дополнително со употребата на алкохол и на дрога.

Некои држави се обидоа повторно да ги отворат ноќните клубови. Во Швајцарија повеќето региони дозволија објектите да се отворат во јуни само доколку ги имаат контактите на посетителите (откако многу посетители дадоа лажни информации, проверките на личните карти станаа задолжителни во некои области). Клубовите во Барселона, Шпанија, повторно отворија на крајот на јуни, но се затворија само по неколку недели откако вирусот почна да се шири во градот. Повеќето земји сега дури и воопшто не размислуваат за полни подиуми во дискотеките. Многумина сопственици на ноќни клубови стравуваат дека тие ќе бидат последни на кои ќе им се даде дозвола за работа. Дотогаш, илјадници ќе се забавуваат во тајност и покрај ризиците и негативната реакција.

Берлин: Забавите се огромен дел од идентитетот на градот

На едно поле североисточно на периферијата на Берлин од минута во минута растеше толпата од околу 200 лица. Покрај знаците со инструкции за посетителите да одржуваат дистанца од најмалку 1,5 метри, подиумот беше преполн и никој не носеше маска. Со забраната за работа на берлинските клубови во текот на летото поради пандемијата, ваквите незаконски забави ја пополнија празнината. Повеќето се со слободен влез и се одржуваат на изолирани локации за да се избегне политичка осуда и се рекламираат преку „Телеграм“, апликацијата за шифрирани пораки. Регулативите за коронавирус во Берлин дозволуваат собир до 1.000 лица во парковите, но само доколку се почитуваат мерките за физичко дистанцирање и не се продава алкохол.

Стоејќи меѓу штандот за пиво и преполниот подиум, триесет и двегодишниот Американец Пол Евина-Зи кој живее во Берлин истакна дека „забавите се огромен дел од идентитетот на градот и не може да се очекува од луѓето да ги чекаат две години“. Тој додаде и дека не е загрижен за вирусот затоа што „ако се заразел, сигурно немал да развие тешки симптоми“.

Негативната реакција на јавноста за посетителите на лудите забави се појави во мај кога демонстранти се собраа на бродови во главниот градски канал како поддршка за работниците кои зависат од работата на ноќните клубови. Друг бран на критики се појави на крајот на јуни. Берлинската полиција го засили нејзиното присуство во парковите. Водечки фигури од клупската сцена и некои политичари бараат проактивен пристап. Комисијата на клубовите, кој е трговски орган, побара од локалните власти да го направи достапен јавниот простор за организирање на забави според условите кои пропишуваат почитување на хигиенските мерки.

На забава во близина на Париз: Воопшто не ми е грижа

Во нормални околности, пошумениот брег на едно езерце на околу 20 километри источно од Париз е посакувано место за рибарите кои ловат крапови или штуки. Но во саботата се собра поинаква група на луѓе во шумата крај водата. Околу 400 млади се забавуваа и танцуваа на техно-музика.

Популарноста на „отворените забави“, како што се тука познати незаконските настани, се зголеми во изминатите неколку месеци. Настанот под име „Пиратство“ ги имаше сите протоколи на законска забава: страница на Фејсбук за настанот со распоредот на ди-џејските сетови и онлајн-продажба на билети. Разликата беше во тоа што локацијата беше испратена преку електронска пошта еден час пред официјалниот почеток на настанот. Следеше и предупредување да се пристапи тивко кон местото на настанот и притоа да се држи во тајност.

– На луѓето им е потребна слобода за да се забавуваат. Воопшто не ми е грижа. Секако дека се плашам од вирусот, но треба да уживам и во моите дваесетти години – изјави Сара Шталтер (21), студентка од Швајцарија, која дошла на одмор во Франција.

Околу неа имаше стотици лица без заштитни маски, а други танцуваа на подиумот среде шумата додека трети седеа настрана во групи, си подаваа шишиња со алкохол и џоинти. Ширењето на незаконските забави претставува предизвик за локалните власти кои се двоумеа дали да воведат строги мерки или да ги игнорираат.

Лондон: Ве молиме, не споделувајте

Детали за забавата во областа на Тотенхем беа испратени во групна порака на апликацијата за текстуални пораки само неколку часа пред почетокот. За посетителите да се приклучат, требало да ја испратат својата корисничка сметка од еден социјален медиум, за организаторите да направат проверка. Билетите се продавале преку „пејпал“. Во пораките на групата на „Ватсап“ имало апели за дискреција“.

Околу 400 млади се собраа на забавата, а подоцна во ноќта се приклучија и други. Околу четири часот по полноќ пристигнаа тројца полицајци кои се пробиваа низ толпата со џебни батерии. Брзо дојдоа и брзо си заминаа, но нивното присуство беше доволно за дел од присутните да си заминат дома. Околу 20 минути подоцна, полицијата се врати, но овој пат со 20 припадници кои почнаа да ја растураат забавата. Сонцето изгреа во 4.30 часот, кога запре и музиката, пред повторно да почне на еден своевиден бис. Потоа сите брзо се разотидоа. Следната вечер, организаторите на забавата испратија мапа во групата на „Ватсап“ со детали за нова забава и со барањето „ве молиме, не споделувајте“.