Милијардерот Бил Гејтс се огласи по теориите на заговор во кои го обвинуваат за разни лоши намери во врска со коронавирусот.

– Тешко е да се негираат такви работи бидејќи се толку глупави или чудни. Што повеќе ги повторувате, луѓето веќе веруваат во нив – изјавил Гејтс за „Бизнис инсајдер“.

Тој најавил донација од фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“, за глобалните истражувања за вакцина против коронавирус во износ од 1,6 милијарди долари.

Од почетокот на пандемијата, Гејтс беше предмет на заговори, кои го доведоа во врска со настанувањето на коронавирусот.

Анкета на „Јаху Њуз“ открила дека 28 проценти од возрасните Американци веруваат во теориите на заговор, кои сугерираат дека Гејтс планира да ја употреби вакцината против ковид-19 за масовна имплантација на микрочипови, кои би служеле за контрола и следење на милијарди луѓе.

–  Тоа е толку бизарно што посакувате да помислите дека е во прашање шега, но всушност таквите приказни не се шега – рекол Гејтс.