Муслиманите во светот денеска ги почнаа рамазанските пости во екот на пандемијата на коронавирусот, поради што на верниците им се ускратени вообичаените семејни собири и молитви во џамиите.

Оваа година светиот месец, би можел да биде турбулентен за многу муслимани во Азија, на Блискиот исток и во северна Африка.

Поради ограничувањата воведени во повеќе земји, џамиите се затворени, а ифтарот, вечерниот оброк по целодневниот пост, време кога семејството се собира и доаѓаат соседи, не може да се изврши според обичајот.

Во Мека во Саудиска Арабија, најсветото место за муслиманите, владее пустош, наместо десетици илјади луѓе, како што вообичаено се собираат на овој ден.

Кралот на Саудиска Арабија, Салман бин Абдулазиз Ал Сауд, минатиот месец издаде забрана за влез и излез во Ријад, Мека и Медина за да спречи ширење на коронавирусот. Забраната ги спречува и луѓето од 13 региони на Саудиска Арабија да патуваат во други региони.

Во Индонезија, најголемата муслиманска земја во светот, нема да го има вообичаеното воодушевување за Рамазан. Верските власти ги повикаа верниците да останат дома.

– Овој рамазан е сосема поинаков и едноставно не е свечен. Жал ми е што не можам да одам во џамија, но што можеме. Светот целосно се промени – вели индонезијката Фатриа Фамела.

Во Азија, каде живеат повеќе од една милијарда муслимани, одделни верски лидери не сакаат да се придржуваат до рестрикциите поврзани со епидемијата на ковид-19.

Илјадници верници синоќа беа во најголемата џамија во Банда Ачех, главен град на провинцијата Ачех.

– Не се плашам бидејќи носам маска и почитувам дистанца – рекла жена која присуствувала на молитвата.

Властите во Азија предупредуваат на опасност од ширење на заразата на голем број верски собири откако последната недела беше утврдено ново жариште на болеста поврзано со муслиманските заедници во Малезија, Пакистан и Индија.