Лидерите на најбогатите светски демократии ја истакнаа определбата за снабдување на остатокот од светот со вакцини, но остануваат поделени околу прашањата како и кога да ги споделат вакцините, наведува „Вашингтон пост“.

– Нееднаквото снабдување со вакцини е одраз на бројните предизвици со кои се соочуваат западните држави и нивните сојузници – справувањето со пандемијата дома, поддржувајќи ги напорите во странство и спротиставувајќи се на напорите на Кина и на Русија за користење на нивните вакцини за ширење на глобалното влијание – пишува американскиот весник.

Францускиот претседател Емануел Макрон ги повика САД и Европа итно да испратат 13 милиони дози вакцини на Африка, за да ги вакцинираат здравствените работници кои се на првите линии од фронтот против коронавирусот, посочувајќи дека Западот може да издвои помалку од еден отсто од сопствените залихи за да добие кредибилитет и да им парира на Москва и на Пекинг.

Забелешките на Макрон уследија по виртуелниот состанок на Г7 за време на кој американскиот претседател Џо Бајден и другите лидери ветија повеќе пари, но не и дози на вакцини, за помош на државите кои заостануваат во трката за снабдување со вакцини.

Богатите нации ги собраа речиси сите рани залихи, оставајќи ги другите да чекаат. Макрон се залага за директна поделба на мал дел од вакцините на богатите нации, во однос на ветувањето за пари.

– Ако Европејците и Американците можат да ги испорачаат овие 13 милиони дози колку што е можно побргу, таа постапка навистина ќе вреди за нашиот кредибилитет. Ако најавиме милијарди денес за да ги дадеме дозите за шест месеци или една година, нашите африкански пријатели ќе купуваат дози од Кинезите и од Русите. Моќта на Западот ќе биде концепт, но не и реалност – порача Макрон.

Апелот на Макрон за брза акција е насочен кон држави како што се САД, кои даваат пари во глобалните иницијативи како што е системот „Ковакс“, но немаат планови да ги делат вакцините кои ги обезбедија за домашна употреба. Белата куќа вчера објави дека САД ќе вложат четири милијарди долари во системот „Ковакс“ за снабдување со вакцини, а ЕУ и Канада исто така кажаа дека ќе ги зголемат сумите на пари наменети за системот.