Постојат рани показатели дека вакцинираните луѓе би можеле да ја пренесат делта варијантата на коронавирусот исто толку лесно како и невакцинираните, објави денеска Државната агенција за јавно здравје на Англија (PHE).

Наодите се совпаѓаат со оние на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC), кој минатата недела предупреди дека вакцинираните лица заразени со делта сојот, за разлика од другите варијанти, можат да ја шират инфекцијата.

Многу позаразната варијанта на коронавирусот е доминантна на глобално ниво и ја разгорува пандемијата од која досега починаа повеќе од 4,4 милиони луѓе, вклучувајќи и над 130.000 од Британија.

Се покажа дека вакцините обезбедуваат добра заштита од сериозно заболување и смрт по инфекција со делта сојот, особено по две дози, но има помалку податоци дали вакцинираните лица можат да продолжат да го шират вирусот на други.

– Некои првични наоди сугерираат дека нивото на вирусот кај заразените со делта сојот, кои се вакцинирани, може да биде слично на она што е пронајдено кај невакцинирани лица. Тоа може да предизвика последици врз нивото на инфекција, без разлика дали луѓето се вакцинирани или не. Но, ова е рана анализа на истражувањето и потребни се дополнителни насочени студии за да се потврди дали тоа е навистина така – соопшти PHE.