Европа бележи остар пораст на бројот на заразени со коронавирус откако земјите почнаа да ги ублажуваат ограничувањата воведени за да го спречат ширењето на потенцијално смртоносниот вирус, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).

Регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуж, изјави дека бројот на заразени лица на европскиот континент се зголемува неделно за првпат во последните неколку месеци.

Тој рече дека е забележан нов бран на ширење на вирусот во повеќе од 30 европски земји.

– Зголемен е бројот на нови случаи во 30 земји. Забрзаното ширење на вирусот во 11 држави доведе до значителен нов бран кој, доколку не се обрне внимание, повторно ќе ги доведе до раб здравствените системи во Европа – предупреди Клуж, кој не ги спомна имињата на државите или конкретните бројки.

АФП потсетува дека Германија, која почнала со олеснување на мерките пред седум недели, се соочува со нов бран епидемии, по што германските власти мораа да ги вратат вонредните мерки за повеќе од 600.000 лица во два окрузи на северот на земјата, откако во една фабрика за преработка на месо се инфицирале повеќе од 1.500 работници.

Португалија вчера воведе нови ограничувања за Лисабон и околината.

Клуж истакна дека во Европа се пријавени помали пропорции на глобални случаи отколку што беше случајот порано оваа година, но дека речиси 20.000 нови случаи на инфекција и повеќе од 700 смртни случаи се регистрирани дневно на континентот.

Генералниот директор на СЗО за Европа ги пофали Полска, Германија, Шпанија и Израел за нивниот брз одговор на ширењето на инфекцијата во училиштата, рудниците за јаглен и фабриките за храна во последните неколку недели.