Индиските власти решија да ги затворат продавниците за алкохол во финансискиот центар Мумбај, кој е најтешко погоден од пандемијата на коронавирусот, откога во изминатите два дена полицијата сметаше дека е исклучително тешко да го контролира зголемениот метеж во дуќаните.

Надлежните соопштија дека само на маркетите и на аптеките ќе им биде дозволено да работат во Мумбај, каде што се води битка со големиот пораст на заразени од коронавирус.

Во моментот во Мумбај има речиси 10.000 позитивни и 387 смртни случаи. Во просек, има повеќе од 400 случаи на ден.

Кога во понеделникот беше укинат дел од забраните, илјадници луѓе се појавија во продавниците за алкохол во целата земја, без да ги следат упатствата за социјално растојание. Ова ги натера властите да затворат многу од продавниците за алкохол.

Властите во Индија во вторникот воведоа посебен данок од 70 проценти за набавки на алкохол за да ги одвратат огромните редици во продавниците. Новиот данок се нарекува специјална корона-давачка.