Без настани на нивните агенди за нареднииот период, организаторите на музички фестивали во Белгија сакаат да го искористат своето знаење и да помогнат во кампањата за вакцинација против ковид-19 во земјата, пренесува Асошјиетед прес“.

Белгиската влада постави цел да вакцинира околу 70 отсто од своето население, односно околу осум милиони луѓе, кога ќе бидат достапни и одобрени вакцините против ковид-19.

Бидејќи вакцините се очекува да пристигнат во пакувања со повеќе дози кои треба да се примат сите истиот ден, здравствените власти во Белгија планираат да ги вакцинираат луѓето во групи. Задачата ќе вклучува многу логистички предизвици, вклучително и создавање на центри за вакцинација за кои организаторите на фестивали велат дека можат да помогнат во реализирањето.

Белгиските експерти за фестивали се со висока репутација во музичкиот свет, и докажано искуство во градењето големи структури и во справувањето со големи групи луѓе.

Бидејќи музичката индустрија е сериозно погодена од економската пандемија, неколку организатори на фестивали од Валонија и областа Брисел се здружија за подобро да ги бранат своите интереси. Тие имаат голема мрежа на техничари кои во моментов се невработени и се подготвени да помогнат.

– Нашиот сектор е во ќорсокак со месеци, а голем број вработени се желни да ја покажат својата креативност и посветеност во борбата против коронавирусот – рече претседателот на федерацијата Дамиен Дуфрасне.

Една од најтешко погодените земји во Европа, Белгија досега пријави околу 577.000 потврдени случаи и над 16.500 смртни случаи поврзани со вирусот.

Минатата недела, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен рече дека вакцинирањето против ковид-19 може да започне во 27-те држави на Европската Унија пред крајот на декември. Комисијата, извршната власт на ЕУ, постигна договор со шест потенцијални добавувачи на вакцини и веќе работи на седмиот договор. Договорите овозможуваат купување над 1,2 милијарди дози, што е двојно повеќе од населението во ЕУ.