Московскиот градоначалник Сергеј Собјанин денеска соопшти дека Москва ќе ги прогласи за неработни деновите од 28 октомври до 7 ноември со цел да се запре ширењето на инфекцијата со коронавирус.

– Ситуацијата во Москва продолжува да се развива според најлошото сценарио. Во наредните денови ќе достигнеме историски рекорд во инциденцата на коронавирус – напиша Собијанин во својата објава.

Московските власти ќе забранат одржување на културни настани, манифестации и спортски натпревари во градот од 28 октомври до 7 ноември, објави градоначалникот Собјанин на својата веб-страница, а пренесе агенцијата Тасс.

Аптеките и продавниците за храна ќе продолжат да работат, а властите нема да ја ограничат продажбата на стоки и услуги преку испорака.

– Рестораните и кафулињата исто така ќе можат да вршат испораки – најави градоначалникот.

Собјанин наложи во текот на неработните денови да се прекине работата на сите компании, освен оние кои обезбедуваат функционирање на инфраструктурата.

Во истиот период, како што се наведува, распуст ќе биде воведен во московските училишта и градинки.