Андри Раџоелина го пие лекот за ковид-19

Десет лидери од Африканската унија на 29 април имаа видеосостанок предводен од јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса. Лидерите беа согласни за насоката во која треба да се движат нивните земји во борбата против коронавирусот. Изгледа дека состанокот одеше добро, сѐ додека Андри Раџоелина, претседателот на Мадагаскар, не проговори, пишува африканскиот „Мејл и гардијан“.

Тој на средбата истакна дека во Мадагаскар е открен лек за ковид-19. Раџоелина жестоко тврдеше дека напитокот, со име „Ковид органикс“, произведен од Институтот за применети истражувања на Мадагаскар, може да го спречи и излечи коронавирусот. 

Раџоелина, поранешен диџеј, кој дојде на власт во 2009 година преку воен удар, не даде никакви докази за да го поддржи своето тврдење. Тој на состанокот ги повика африканските лидери да го прифатат лекот. Некои тоа го направија со резерва. 

– Што ако овој лек беше откриен во некоја европска земја, наместо Мадагаскар? Дали луѓето толку ќе се сомневаа во него? Не мислам така. Па што ако лекот доаѓа од Мадагаскар? Зарем е невозможно 63-тата најсиромашна земја во светот да пронајде формула која ќе понуди спас за светот? – праша Раџоелина, кој тврди дека лекот е ефикасен и ги лечи пациентите во рок од 10 дена.

Институт за применети истражувања на Мадагаскар се посвети на истражувањето на ефектите на локалните растенија и традиционалната медицина за лекување на болести. Еден од производите е „Мадеглуцил“, антидијабетичен, широко користен во Мадагаскар и во светот. 

„Ковид органикс“ е последното откритие на Институтот. Примарната состојка е артемизија, со потекло од Кина, а увезена во Мадагаскар во 1970-тите, која сега широко се одгледува на островот. Артемизија е главната состојка со која се лекува маларијата. 

– Излечивме две лица со помош на „Ковид органикс“. Напитокот има потенцијал да го смени текот на историјата. Спроведени се сите испитувања и тестови, а неговата ефикасност во ублажувањето и елиминацијата на симптомите е докажана во третманот на пациенти заболени од ковид-19 – рече Раџоелина.

Но, Шабир Мади, универзитетскиот професор по вакцинологија од Јоханесбург, Јужна Африка, е скептичен. Според него, нема никакви докази за ефикасноста на лекот, а Мадагаскар има само 158 евидентирани заболени, што не е доволно за да се спроведе тестирање на лекот и да се потврди неговото делување. 

– Поголемиот дел од луѓето заболени од ковид-19 не покажуваат никакви симптоми. Од оние кои развиваат симптоми, 85 отсто имаат лесна клиничка слика. Можете да ги третирате со вода и да го добиете истиот ефект како чудесниот лек на Раџоелина – изјави Мади. 

Ова не е првпат Мади да биде сведок на вакви медицински тврдења. Тој лично го посведочи и мрачниот период на Јужна Африка, за време на претседателот Табо Мбеки, кога беше оспорувана науката за лекување на ХИВ/СИДА, а се тврдеше дека цвеклото и лукот се поефикасни третмани од антиретровирусните лекови. Една студија на универзитетот „Харвард“ во 2009 година тврди дека оваа погрешна политика е виновна за предвремената смрт на повеќе од 300.000 лица.

Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека ефикасноста и безбедноста на „Ковид органикс“ не се докажани, но се понуди да работи со Мадагаскар со цел да се спроведе соодветно медицинско тестирање за лекот. Досега, Мадагаскар не ги сподели податоците за своите тврдења, а владата и Институтот за применети истражувања во Малгаш одбија да бидат интервјуирани за оваа приказна.

Недостатокот од докази не одврати некои од африканските лидери да набават од чудотворниот лек на Мадагаскар. Екваторска Гвинеја, Гвинеја Бисао, Либерија и Гамбија добија пратки со Ковид Органикс, а претседателот на Танзанија, Џон Магуфули, кој тврдеше дека со тридневна молитва може да се излечи коронавирусот, изјави дека ќе испрати авион за да собере пратка со лекот (Танзанија веќе ја доби првата пратка со лекот). Сепак, повеќето лидери остануваат неубедени,  дури и ако дипломатскиот протокол ги спречува да го кажат тоа кажат јавно.

– Африканците заслужуваат да користат лекови тестирани според истите стандарди како и луѓето во остатокот од светот. Дури иако терапиите се природни и врз база на традиционална медицина, утврдувањето на нивната ефикасност и безбедност преку ригорозни клинички испитувања е клучно – изјавија од СЗО.