Американската фармацевтска компанија „Модерна“ наскоро ќе ја преполови дозата на својата вакцина против Ковид-19, за да може да се користи во борбата против другите видови коронавирус и при вакцинирање деца.

Компанијата „Модерна“ постигна договор со швајцарскиот производител на лекови „Лонза“, кој објави дека новата линија за производство на супстанција за вакцина во холандскиот град Гелен ќе има капацитет за производство на состојки за 300 милиони дози годишно од 50 микрограми по доза, пренесува „Ројтерс“.

– Претпоставуваме дека до 2022 година ќе имаме комбинација од нивоа на дози на пазарот – изјави портпаролката на „Модерна“ откако „Лонза“ го најави новото производство.

Компанијата „Модерна“ досега испорачуваше одобрена доза од 100 микрограми.

Целта на „Модерна“ е да испорача до три милијарди дози од својата вакцина во 2022 година, што е повеќе во однос на 800 милиони до 1 милијарда дози планирани за оваа година.