Американската фармацевтска компанија „Модерна“ денес објави дека планира да го прошири опсегот на испитување на вакцината против ковид-19 на помали деца, со цел подобро да открие ретки несакани ефекти, како што е срцево воспаление неодамна пријавено од Американските здравствени власти.

Во соопштението на компанијата се наведува дека е во преговори со американската Агенција за храна и лекови за вклучување на поголем број учесници во студијата кои се помлади од 12 години, пренесуваат агенциите.

Планирано е да се тестира вакцината на околу 7.000 деца, од кои некои ќе бидат на возраст од 6 месеци.

Најавата доаѓа во момент кога во САД се зголемува бројот на новозаразени случаи со ковид-19 а училиштата се подготвуваат да ги пречекаат учениците.

Во исто време, регулаторите продолжуваат да ги разгледуваат случаите на редок облик на воспаление на срцето познат како миокардитис, кој е пријавен кај мал број тинејџери кои примиле вакцина на „Модерна“ или на „Фајзер“.

Американски официјални лица и независни медицински експерти минатиот месец изјавија дека придобивките од вакцините ги надминуваат ризиците од несакани ефекти, кои се пријавени кај неколку стотици лица на возраст под 30 години.