Крајбрежниот туристички град Киберон во Бретања, регион во западниот дел на Франција, стана ново жариште на коронавирус во таа земја, а младите се одговорни за ширење на инфекцијата.

Според „Гардијан“, 72 нови случаи на коронавирус регистрирани на тоа место претежно доаѓаат од населението на возраст од 18 до 25 години, а се верува дека првиот во ланецот на инфекција бил сезонски работник во супермаркет, кој бил на забава со група млади луѓе во еден ноќен клуб.

Иако властите во Киберон тврдат дека ситуацијата е под контрола, се зголемуваат стравувањата дека епидемијата повторно ќе се разгори во Франција.

Во Киберон се појави еден вид генерациски јаз бидејќи постариот дел од населението ги обвинува младите за сè, сметајќи ги за неодговорни затоа што се собирале во голем број заради ноќен провод и ја игнорирале опасноста од инфекција.

Поради тоа, едно локално диско е затворено два месеци, носењето маски за лице на отворено е задолжително на некои од најпрометните улици, а посетите на плажи и јавни паркови се забранети во текот на ноќта.