Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, оцени дека во Европа се видливи ветувачки сигнали кога станува збор за пандемијата на ковид-19.

– И покрај тоа, мора да останеме внимателни и сега не смееме да ја намалуваме заштитата – рече Мишел.

По видеосостанокот на лидерите на ЕУ 27, тој изјави дека се дискутирало за тестирање, вакцинација и координирано олеснување на рестриктивните мерки.

– Резултатите од најновото истражување во областа на вакцината против ковид-19 ветуваат. Идната вакцина е на дофат на рака и мора да бидеме подготвени и да ги забрзаме националните стратегии за вакцинација, така што вакцината ќе биде достапна за сите европски граѓани кога ќе ги добие потребните дозволи – вели Мишел.

Тој истакна дека расте бројот на оние кои не веруваат во вакцината против ковид-19 и дека ЕУ мора јасно да зборува за нејзината важност.

Кога станува збор за укинување на ограничувачките мерки, претседателот на Европскиот совет нагласува дека Европа мора да извлече поука од минатото и да биде внимателна во укинувањето на ограничувањата.

– Сите сакаме да ги славиме претстојните празници, но тоа мора да биде безбедно – заклучи Мишел.


Фон дер Лејен: Првите дозволи за вакцина во втората половина на декември

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, вели дека според проценките на Европската агенција за лекови, првите дозволи за употреба на вакцината против ковид-19 се очекуваат во втората половина на декември, и тоа за вакцините на компаниите „Фајзер“-„Бионтек“ и „Модерна“.

Европската агенција за лекови објави дека до крајот на годината треба да се даде зелено светло за употреба на вакцината против ковид-19 на територијата на ЕУ и вакцинацијата да започне во јануари 2021 година.

ЕУ предупредува дека е потребно да се развие стратегија за вакцинација и да се утврдат приоритетните групи што ќе бидат вакцинирани со првите достапни дози.