Аргентина се обидува да ја реши мистеријата за појава на инфекција со коронавирус кај 57 морнари по 35 дена поминати на море.

Коронавирусот се појавил и покрај фактот дека на тестирањето пред пловење биле негативни.

Рибарскиот брод „Ечизен Мару“ се вратил во пристаништето откако дел од морнарите развиле симптоми кои одговараат на ковид-19, објави Министерството за здравство.

Според министерството, 57 од 61 член на екипажот сега се позитивни за коронавирус.

Сите биле тестирани 14 дена пред пловењето, биле негативни и биле во карантин во хотел во градот Ушуаја сè додека не се качиле на бродот.

Само двајца морнари се негативни на вирусот, а резултатите се очекуваат за уште двајца членови на екипажот.