Дали тоа е птица која испраќа потсвесна порака или таен знак? Или само е лого на кое е претставен був, се прашуваа луѓето гледајќи ја маицата на францускиот претседател Емануел Макрон при неговото обраќање кон младите да се вакцинираат. По обраќањето, во Франција повеќе се зборуваше за мистериозниот симбол на облеката отколку за вакцинацијата, објавува „Гардијан“.

Францускиот претседател го замени оделото со црна маица со кратки ракави во текот на обраќањето на социјалната мрежа Тикток, за време на кое одговараше на прашања на корисниците.  Но публиката обрна поголемо внимание на логото на маицата на кое е претставен бел був, наместо на пораката на Макрон.

Според една од теориите кои се раширија, станува збор за симболот на Бохемскиот клуб, политичка група создадена во Калифорнија во 1872 година, откако Американците го видоа европското движење бел епок како контракултура кон буржоазијата. Бохемскиот клуб денес е приватен клуб составен од бизнисмени и политичари од САД, Европа и од Азија. На логото на клубот исто така има був, но тоа се разликува од амблемот на маицата на францускиот претседател.

Весникот „Фигаро“ го опиша изгледот на Макрон како „директен, опуштен и пред се, пријателски“. А на интернет набргу почна да се продава слична маица под називот „тикток маица на Макрон“ по цена од 19,99 евра.