Министрите за одбрана на НАТО денеска на видеоконференција ќе разговараат за заедничкиот одговор на пандемијата на ковид-19 и за кампањите за дезинформации околу пандемијата, пренесува „Спутник“.

Министрите ќе разговараат за тоа што може да се стори за да се ублажи кризата, да се спротивстави на она што тие го сметаат за лажни и штетни наративи за пандемијата и како да продолжат со операциите во светот во услови на пандемија.

На интернет-конференцијата ќе присуствува и Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој пред состанокот во вторникот изјави дека неговиот главен фокус е на тоа како да се мобилизира поддршката на сите сојузници на НАТО и дека организацијата координира воена помош за членките погодени од здравствената криза, истовремено осигурувајќи ја безбедноста на сојузничките трупи.

Во меѓувреме, членките на НАТО се на врвот на листата во однос на најголем број заразени: САД, Шпанија, Италија, Германија и Велика Британија имаат околу 1.200.000 потврдени случаи заедно, додека вкупниот број заразени во целиот свет достигнува 2 милиони.