Европската комисија го претстави планот за постепено и координирано укинување на мерките кои се воведени заради сузбивање на пандемијата на коронавирус кој предвидува почитување на три критериуми.

– Иако условите се разликуваат во секоја земја-членка, сите Европејци со право се прашуваат кога и по кој редослед ќе се укинуваат мерките – изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен.

Таа истакна дека мерките спасиле илјадници животи, но дека тие со себе носат и голема цена за општеството и економијата и дека не може да траат до недоглед.

– Враќањето во нормала бара координиран и европски пристап меѓу земјите-членки, заснован на науката и во духот на солидарноста – изјави еврокомесарката за здравство, Стела Кириакидес.

Таа додаде дека патот кон враќање во нормала ќе биде долг и постепен и дека последиците од оваа криза долго ќе се чувствуваат. Поради тоа, како што кажа, ќе треба да се навикнеме да живееме со вирусот сè додека не се пронајде вакцина.

ЕК наведува дека одлуките за ублажување на мерките треба да бидат втемелени на три критериуми.

Првиот е епидемиолошки – што значи дека ширењето на заразата мора да биде забавено и стабилизирано.

Вториот критериум е здравствениот систем да има доволно капацитет, што вклучува доволен број кревети за интензивна нега, на здравствени работници и медицински материјали.

Третиот критериум се однесува на способноста на следење на заразата, вклучувајќи масовно тестирање за да може заразените лица брзо да се изолираат.

Фон дер Лејен истакна дека претставувањето на овој план никако не значи знак за почеток на укинување и попуштање на мерките, затоа што тоа е во надлежност на државите.

ЕК, исто така, препорача, контролите на границите внатре во ЕУ да се укинуваат на координиран начин, додека укинувањето на контролите на надворешните граници треба да се прави врз основа на информациите и податоците за ширењето на заразата надвор од ЕУ.

ЕК порепорачува сите вработени да не се враќаат на работа во исто време, а собирањето во групи постепено да се дозволува согласно епидемиолошката ситуација.